Охрид се екипира – донесе хрватски десен бек!

Тимот на Охрид продолжува со склопувањето на играчкиот мозаик во пресрет на новата сезона во која ќе биде по вторпат дел од европските купови. Агилното раководство на охриѓани е активно на трансфер пазарот и донесе уште едно засилување.

Хрватскиот десен бек Луцијан Бура е најновото име од Охрид и доаѓа од унгарскиот тим Ѓенѓеш.

Претходно има настапувано во словенечкиот тим Добова, како и хрватските Умаг и Горица, каде беше еден од најдобрите стрелци.

„Доаѓањето во Охрид за мене значи отворање нова страница во кариерата. Исклучително сум среќен што ќе имам можност да играм во Македонската лига која, според мое мислење, има високо ниво на квалитет, со можност за настап во европските натпреварувања. Верувам дека во ГРК Охрид ќе имам можност да ги развивам моите играчки способности, како и дека ќе постигнеме што подобри резултати како во домашното првенство, така и во Европа”, изјави Бура.

26-годишниот Бура ги има минато сите репрезентативни категории во Хрватска, а настапува и за селекцијата во ракомет на плажа, која лани стана светски првак.

Тој треба да биде замена за Деан Шешиќ, кој се сели во полскиот Азоти Пулави, додека Охрид покрај на Бура смета и на Јукиќ и младиот Шипинкоски на десната бековска позиција.

Претходно охриѓани се договорија за ангажман на пивотот Живан Пешиќ, левиот бек Дејан Кукуловски, како и голманот Градимир Чаневски.