Лазаров: Не губиме надеж и веруваме до крај!

Машката репрезентација на Македонија загуби со 34-27 во првиот натпревар од бараж двомечот со Фарски Острови за пласман на СП 2025 година.

Селекторот Кире Лазаров смета дека ривалот заслужено победи, но најави дека Македонија не се откажува од место на Мундијалот.

„Фарски Острови беше подобар противник на вчерашниот натпревар и заслужено победи. Ни направија многу проблеми и во нашиот напад каде бевме приморани да играме „седум на шест“ доста време, а не сакавме да играме на тој начин. Нивниот напад беше технички скоро перфектен, иако бевме спремни за нивниот систем на напаѓање, сепак истите работи поминуваа. Нема да губиме надеж и ќе веруваме до крај. Имаме неколку дена да се консолидираме и да пробаме да ја анулираме негативата од седум гола. Ќе ни треба поддршка од публиката како никогаш до сега. Ќе се бориме и веруваме во позитивен исход во недела“, изјави Лазаров.

Реванш средбата меѓу Македонија и Фарски Острови се игра на 12 мај со почеток во 19:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.