Машката репрезентација на Македонија ќе има тешка задача да се пласира на Светското првенство во 2025 година, откако загуби на првата средба во Торшавн од Фарски Острови со 34-27. Одбраната беше лоша во текот на целиот меч, голови се примаа лесно, без многу контакти, па иако домаќините не отскокнуваа премногу, сепак на крајот имаат седум плус и се блиску до пласман на Мундијалот.
Фарски Острови отвори со водство од 6-2, по осум минути игра, па Кире Лазаров мораше да бара минута одмор. Со играта седум на шест проба македонскиот селектор да ги врати нашите момци во игра, делумно успеа и по водството на 7-2 на ривалот, ги казните сите домашни грешки и веќе беше 7-5.
Беше и 8-6, а имавме шанса по исклучувањето на Скипаготу да намалиме на минус еден, но Кузмановски го промаши пеналот. Митун казни на спротивната страна за 10-7 по петнаесетина минути игра.
Taлески имаше зицер, но и тој не погоди, па домашните одново погодија за плус четири, 11-7. Атанасијевиќ можеби и неправедно доби второ исклучување, во следната акција и Кузманоски по игра со нога доби две минути казна од строгите Германки и домаќините ја задржаа разликата, 13-9.
Беше и 15-10, но Лазаревски ја проби домашната одбрана. Сепак и покрај тоа се чувствуваше дека нема многу расположени ракометари во нашата селекција, па домашниот тим лесно наоѓаше пат до голот. Беше и 17-11, но Лазаревски и Кузмановски намалија на пристојни минус четири, 17-13. До крајот по еден гол на двете страни за 18-14.
Скипаготу искористи една акција за да ги врати највисоките плус шест на Фарски Острови, 22-16, но Македонија имаше две одлични акции и беше намалена негативата, 22-18. Тоа беше брзо упропастено, домаќините влегоа во добар моментум и во 40. минута стигнаа до максимални плус седум, 25-18, па Лазаров мораше да реагираше со тајм-аут.
Пет минути немаше голови на двете страни, па и домашниот селектор побара тајм-аут и Оли Митун веднаш потоа донесе осум гола предност, 26-18. Лазаров ја бараше вистинската постава, реализацијата изостануваше, а го разбранивме и вториот голман на Фарски Острови.
Конечно Кузмановски го прекина постот за 26-19, но домашните не попуштаа и отидоа на 28-20. Македонија остана со двајца помалку откако Германките ги исклучија Велковски, а потоа и Лазаревски поради приговор. Но изборивме пенал, кој го реализира Костески, а Митревски одбрани зицер иако игравме со четворица во поле.
Одбраната не беше на ниво цел меч, а така продолжи и до крај, нападите на домашниот тим траеја кратко и на пет минути до крајот Фарски Острови имаше убава залиха, 30-24. Ништо особено не се промени во финишот на натпреварот, Атанасијевиќ доби трето исклучување и црвен картон, Фарски Острови го имаше последниот напад и во последните секунди погоди за 34-27, па Македонија ќе мора да брка седум гола негатива за место на СП 2025 година.
Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Кузмановски со осум, како и Митев и Костески со по пет погодоци, додека голманот Митревски имаше шест интервенции. Во селекцијата на Фарски Острови очекувано Скипаготу даде десет гола, а по шест пати погодија Тејгум и Митун.
Реванш натпреварот меѓу Македонија и Фарски Острови се игра на 12 мај во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19:00 часот.