Тимот на Ваљадолид, во кој настапуваат двајцата интернационалци од Македонија, Димитар Димитриоски и Дарко Димитриевски, освои важна победа во Асобал лигата.
Составот на Писонеро во натпревар од 28. коло за ривал го имаше тимот на Синфин и успеа да ги освои посакуваните бодови, откако триумфираше со пет гола разлика, 36:31.
Голем придонес во победата имаа токму двајцата ракометари од Македонија, па така двајцата имаа 100% реализација, левото крило Димитриоски заврши со четири од четири, додека левиот бек Димитриевски имаше три реализации од три обиди.
Ваљадолид во Асобал лигата е позициониран на 6. позиција со 29 бодови, додека петтопласираниот Адемар Леон има 31.
До крајот од сезоната Ваљадолид треба да игра уште со Адемар Леон и Морацо, по што ќе биде познато дали тимот на Писонеро ќе избори пласман во Европа.