Кил со херојски подвиг – надомести минус девет и се пласираше на Ф4!

Екипата на Кил е третиот патник на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите, откако успеа на реваншот против Монпелје да се надмини себе си и да ја надомести негативата од девет гола од првиот четвртфинален дуел.

Францискиот тим на првиот натпревар триумфираше со 39:30 и веќе со една нога беше на Ф4 во Келн. Сепак, избраниците на Филип Јиха успеаја да дојдат до посакуваната цел, на реваншот денеска одиграа фуриозно и славеа со десет гола разлика, 31:21.

Кил доминираше на теренот против францускиот вицепрвак и во секој сегмент од играта беше подобар ривал. Еден од најзаслужните за обезбедениот пласман на Кил е голманот Томас Мрква, кој натпреварот го заврши со 12 интервенции, а листата на стрелци во таборот на „зебрите“ беше предводена од Ерик Јоханесен со осум и Никола Билик со седум погодоци.

Покрај Кил, пласман на Ф4 турнирот во Келн обезбедија и екипите на Магдебург и Алборг, додека последниот патник ќе се знае по натпреварот меѓу Барселона и ПСЖ. Каталонскиот гигант на првиот натпревар го победи најбогатиот европски клуб со осум гола разлика, 30:22.