Ракометарите на Овче Поле се изборија за реми на гостувањето во Штип кај Текстилец со голот постигнат во последните секунди од слободен удар за 27-27, во натпревар од седмата рунда на прволигашкиот плеј-аут. Димитар Минов биеше директно од слободен удар во голот на штипјани и погоди за бод на гостите од Свети Николе.
Претходно во првиот дел двете екипи се менуваа во водството, а на пауза Текстилец замина со плус два, 13-11. Имаа домашните и плус три во второто полувреме, но Овче Поле не се откажа од камбек и во последната минута се влезе со реми, 26-26.
Претходно гостите од Свети Николе останаа со двајца играчи помалку. Најпрво поради три исклучувања Сентовски доби црвен картон, а потоа во финишот и Димитрија Крстев доби директен црвен картон, но тоа не беше пречка за Овче Поле.
Најпрво Џинес погоди за домашно водство, а потоа нападот на Овче Поле се чинеше дека ќе заврши без успех. Но Минов ја надитри домашната одбрана, во стилот на Елохим Пранди и неговиот гол на ЕП, погоди за бод во Штип, 27-27.
Најдобри стрелци во домашниот тим беа Џинес со девет гола, како и Петров и Савев со по шест гола, додека кај Овче Поле се истакнаа Ристов со осум и Буровски со шест погодоци. Овче Поле е лидер на табелата со 17 бода, додека Текстилец останува трет со 12 бодови.