Вардар наместо да чека „кикс“ на Еурофарм Пелистер можеше самиот да си ја искомплицира својата ситуација, но успеа да се спаси на гостувањето кај Пролет, победувајќи со 21-20. Можеше за малку да биде сензација, бидејќи во вториот дел од мечот домашните ракометари долго време имаа предност.
Во последните седум минути на голот на Вардар влезе Мартин Томовски, и со две клучни одбрани му донесе на тимот сигурност и можност за пресврт. Во последната минута Марко Срдановиќ од крило го постигна најважниот гол за Вардар, по што „црвено-црните“ зголемија на 21-19. Немаше многу време за играње, но Пролет намали на 21-20. Последниот напад го имаше Вардар, гледаше по секоја цена да го потроши времето, па иако згрешија останаа само 2 секунди , кои беа недоволни за сензација.
Првиот дел мина во доминација на голманите, Васил Гогов и Андреј Петковски. Двајцата имаа повеќе одбрани заедно, отколку што ракометарите постигнаа голови. Петковски успеа да им ги одбрани сите удари од седум метри на вардарци, а само еден завши над голот. На спротивната страна Гогов имаше осум одбранети топки, и еден седмерец.
Затоа пак на теренот, на двете страни, лош ракомет, вистински „очобол“ за малкуте навивачи на трибините. Вкупно 12 загубени топки на двете страни, многу комбинирање, а малку шутирање и погодување. Изостануваа головите, она што сите го очекуваат. Немаше ниту акции, а уште помалку силни шутеви од дистанца.
Се се сведуваше на индивидуалните квалитети на поединци, и користење на некоја грешка кај противникот.
Гостите својот прв гол го постигнаа во 7 минута, кога израмнија на 1-1. Потоа се до 27 минута Вардар имаше водство. На моменти и „плус 2“ ама никако да избега, а Пролет секогаш успеваше да израмни. Шест минути траеше „постот“ на двете екипи пред Пролет да направи 2-0, и да замине на полувреме со предност. Хансер Родригез во последната секунда на реализираше седмерец, бидејќи Петковски повторно ги прочита вардарци и беше поуспешен, по третпат од четири пенали.
Само што почна второто полувреме Пролет ја материјализраше лошата форма на Вардар, па домаќините првпат поведоа со 12-9 во 38 минута. Повторно голманите во елемент, па одбранија удари, особено Петковски во моменти кога вардарци се приближуваа сериозно.
Намали Вардар на 12-11 во 43 минута и имаше напад за израмнување, ама техничките грешки беа чест пријател на двата тима, и пропадна шансата да се врати неизвесноста. Пролет „вака-така“ си ги реализираше своите шанси, и пак отиде на „плус 2„. Иако со играч помалку Вардар во 47 минута успева да израмни, 13-13 преку Марко Срдановиќ. Потоа се играше гол за гол, до крајот.
Косуке Јасухира со 6 гола беше најефикасен кај Вардар, заедно со МАрко Срдановиќ кој даде пет гола. Во тимот на Пролет, Андреј Стојановски дае пет гола
ТАБЕЛА