Бојаниќ: Можеме до трите бода во Кавадарци, ќе го оставиме срцето на терен

По поразот во претходното коло од Вардар, ракометарите на Охрид се пред нов предизвик во рамките на 7. коло од суперлигашкиот плеј-оф.

Во сабота ги очекува тешко гостување во Кавадарци, кај тимот на Тиквеш, директниот ривал за место во европските купови.

Кружниот напаѓач на Охрид, Владимир Бојаниќ, свесен е за важноста на натпреварот и вели дека тој и неговите соиграчи се подготвени да дадат се од себе за да забележат победа и враќање на победничката патека.

„Дуелот со Тиквеш е од исклучителна важност. Сите сме максимално фокусирани и како и на секој натпревар така и на овој одиме на победа. Се подготвуваме да одиграме што е можно подобро, да покажеме дека сме една квалитетна екипа и дека поразот од Вардар е само еден лош ден. Играме се подобро и подобро и верувам дека ќе дадеме се од себе да ги освоиме трите бода и да продолжиме кон нашата цел, пласман во некое од европските натпреварувања“, изјави Бојаниќ.

Охрид и Тиквеш досега одиграле десет меѓусебни натпревари и за нијанса подобар е тимот од Кавадарци. Сите дуели меѓу овие два тима биле неизвесни до самиот крај и најчесто победувал оној кој играл пред домашната публика.

Кружниот напаѓач на охриѓани вели дека и овој натпревар ќе биде ист таков, но сепак смета дека е време таа традиција на победи на тимот кој бил домаќин на средбата да биде прекината, односно, Охрид овој пат да слави на гостински терен.

„Како и секој претходен дуел со Тиквеш, така и овој ќе биде тежок и неизвесен. Досега важело дека тимот кој игра дома ќе ја однесе и победата, Тиквеш во Кавадарци, а ние во Охрид, но мислам дека е редно време да се случи брејк во гости. За да го направиме тоа ние мораме да изиграме дисциплинирано во одбрана и да го оставиме срцето на терен. Максимално сме фокусирани на натпреварот и веруваме дека можеме да дојдеме до трите бода“, дециден е Бојаниќ.

На средина од плеј-офот од Супер лигата, Охрид е на 4. место на табелата, последното кое води во Европа, додека Тиквеш, со бод заостанување е на 5. место.

Натпреварот меѓу Тиквеш и Охрид се игра во сабота, 6 април, со почеток во 18:00 часот, во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци.