Без Сара Ристовска против Литванија

Женската репрезентација со триумфот над Азербејџан го обезбеди пласманот на Европското првенство, а Шпанија ја совлада Литванија, па последниот натпревар во Скопје нема да има резултатска важност.

Нашата репрезентација ќе настапи на овој дуел без десното крило Сара Ристовска, која се врати во Москва.

Како што информираат од РФМ, ЦСКА Москва упати барање до македонската куќа на ракометот за Ристовска да биде ослободена од обврските за последниот натпревар и да настапи на Ф4 во Купот на Русија.

Тоа беше прифатено и македонската репрезентативка ќе биде на располагање на тренерот Олга Акопјан за дуелите што претстојниот викенд се играат во Ростов Дон. Ривал во полуфиналето на ЦСКА Москва ќе биде Динамо Волгоград.

Натпреварот меѓу Македонија и Литванија, како и сите останати од квалификациите за ЕП 2024 се на програмата в недела од 18:00 часот.