Ракометарките на Стружанка прославија победа со 28-23 на гостувањето во Свети Николе кај Овче Поле Славјански Универзитет во натпреварот од 18 коло во Женската лига. На овој дуел судиите доделија дури 16 исклучувања и еден црвен картон, бидејќи се играше бескомпромисно во одбраната. Избраничките на Жарко Ферукоски сега се на делба на шестото место на табелата со Пелистер со по 25 бода и ќе биде интересна борбата до крајот на лигата.
Во првиот дел се играше гол за гол и имаше дури десет израмнувања на резултатот до 10-10, но гостинките заминаа на пауза со предност, откако реализираше Лушеска за 11-10. На стартот на второто полувреме Стружанка, која во ростерот имаше само десет ракометарки успеа да стигне до плус пет, 16-11.
Домаќинките предводени од Конева успеаја да се вратат во егал, 19-19, но кога требаше да направат комплетен пресврт, влегоа во серија грешки, заработија неколку исклучувања во серија и Стружанка одново беше на плус четири, 23-19.
Гостинките успеаја да ја задражат предноста до крај, а Овче Поле СУ дополнително беше ослабен во финишот, откако кадетската репрезентативка Сентовска заработи трето исклучување и црвен картон.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Лушеска со осум, Затуроска со седум и Далипоска со шест погодоци, додека во домашниот состав предничеше Конева со десет реализации.