Ракометарите на Младост Богданци дојдоа до важна победа во прволигашкиот плеј-оф, откако во натпревар од 3. коло, со пресврт, славеа над еден од директните ривали, тимот на Радовиш, со 29:26.
Иако домаќините губеа со 26:23, сепак, гостите во последните осум минути останаа без реализација, а домашниот табор направи серија од 6:0 и дојде до втора победа во вториот дел од тековната сезона.
Младост Богданци сега се наоѓа на 2. позиција со девет бодови, актуелниот лидер Бисинов од Велес има 12, на третото место е Металург РА со седум бодови, додека Радовиш останува со пет бодови на свое конто.
Во првото полувреме најчесто се играше гол за гол, само на моменти двете екипи имаа предност, не поголема од два гола разлика. Гостите, кои во првиот дел го имаа расположениот Костадиновски, одбрани девет удари и еден пенал, беа повеќе пофокусирани во завршниот дел од првото полувреме и на пауза заминаа со резултатска предност од 14:12.
Домаќинот на стартот на вториот дел со два гола во низа дојде до израмнување, 14:14, потоа ја презеде иницијативата на теренот, но при секој постигнал гол, гостите возвраќаа и не дозволуваа домашниот состав да се одлепи на плус два.
Во 45 минута резултатот беше 20:20, а за пет минути игра, гостите постигнаа три брзи гола и во 50 минута дојдоа до 26:23. И покрај трите гола негатива, домаќините не се демотивираа, напротив, целосно ги запреа гостите и со серија од 6:0 дојдоа до посакуваната цел.
Најефикасен во победничката екипа беше младинскиот репрезентативец Антонио Николоски со девет погодоци. Кај Радовиш листата на стрелци беше предводена од искусниот Здравко Постолов, кој имаше десет реализации.