По завршувањето на Европското првенство во Германија, следните два големи настани ќе се играат во Скандинавија плус Хрватска. За место на СП 2025 година во Данска, Норвешка и Хрватска, машката репрезентација на Македонија ќе се бори против Фарски Острови, додека ќе има (по)лесна задача да се избори за место на Европското првенство 2026 година што ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка.
EХФ ја закажа ждрепката за 21 март во Копенхаген, а Македонија ќе биде дел од вториот шешир и ќе добие добра група од која ќе може да се избори за нов настап на континенталниот собир. Селекциите на Данска, Норвешка и Шведска се директно пласирани на ЕП 2026 како домаќини, а нив им се придружи и европскиот шампион Франција. Овие четири репрезентации нема да играат квалификации, но ќе играат Евро Куп.
Во квалификациите за ЕП 2026 ќе настапат 32 селекции, од кои 28 имаа директно место во квалификациите. Претквалификациската рунда ја минаа три селекции – Луксембург, Белгија и Косово, кои ги елиминираа Летонија, Кипар и Велика Британија. Сепак со оглед на тоа што едно место ЕХФ чуваше за евентуален бараж меѓу Русија и Белорусија, сепак поради актуелната ситуација во тој регион, овие две репрезентации останаа надвор од комбинација и втора шанса ќе добие Летонија, како најдобро рангирана од елиминираните три селекции во претквалификациите.
Меѓу оние што имаа директно место во квалификациите беше и Македонија. На ждрепкатата што ќе се одржи на 21 март, ќе бидат формирани осум групи по четири селекции, а по шест одиграни меча – секој со секого дома гости, прво и второпласираните ќе обезбедат место на ЕП, како и четири од осумте третопласирани селекции во квалификациските групи.
Македонија според националниот рејтинг се најде во вториот шешир и нема да може да игра со Чешка, Србија, Црна Гора, Австрија…
Натпреварите од квалификациите ќе се играат во три ЕХФ недели. Започнуваат веќе во октомври оваа година (4-10/10), потоа во март 2025 година (10-16/3) и во мај 2025 (5-11/5), по што ќе бидат познати сите учесници на ЕП 2026.
Ждрепката за квалификациите за ЕП 2026 ќе се одржи на 21 март од 16:30 часот во Копенхаген.
Европското првенство во 2026 ќе се игра во четири града – Осло, Хернинг, Малме и Кристијанштад. Хернинг ќе биде домаќинот на две групи (А и Б), потоа на групата 1 од главната рунда и на завршниот викенд. Осло ќе биде домаќин само на две групи (Ц и Д) од прелиминарната рунда. Во Кристијанштад ќе се игра групата Ф, во Малме на програмaта ќе биде групата Е, како и групата 2 од главната рунда.