Тимот на Гевгелија во 16 коло од Женската лига ја запиша првата сезонска победа, откако славеше над Астибо со 27-26.
Хероини на домашниот тим се Ана Марија Горговска, која го одбрани последниот шут на штипјанки, како и Билјана Кадиева, која беше стрелец на голот вреден три бода.
Избраничките на Татјана Бојкова имаа предност од четири гола на паузата 19-15, исто така и на стартот на вториот дел, 20-16, но Астибо не се откажуваше од камбек.
Израмнија штипјанки на 20-20, во финишот и поведоа во неколку наврати со еден гол. Во последната минута беше 26-26.
Црвен картон поради три исклучувања доби Басова од Гевгелија во последната минута, но тоа не беше пречка за домаќинките.
Кадиева ја проби одбраната на Астибо за 27-26, а последниот шут на Анчева беше плен за голманката Горговска и радоста на гевгеличанки можеше да почне.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ступар со седум и Динева со шест гола, а кај Астибо се истакнаа Кировска со седум и Манева со шест погодоци.