Македонскиот првак Еурофарм Пелистер откако ги заврши обврските во Лигата на шампионите, им се врати на домашните натпревари и на победите. Битолчани славеа на гостувањето кај Тиквеш во Кавадарци со 24-21, за пет од пет во суперлигашкиот плеј-оф. Домашните на овој дуел беа без Симиќ, а гостите без Костески и Павле Атанасијевиќ. Тиквеш пружи силен отпор, иако во текот на мечот остана и без Обина, и на крајот загуби тесно.
Мијатовиќ донесе водство за кавадарчани, но битолчани одговорија со серија од три гола за 3-1. Гостите ја одржуваа предност од еден до два гола, пред да останат без Василев во 15 минута. Тој доби црвен картон по стартот на Мартин Манасков и битолчани останаа само со Пешевски на линијата.
Сепак тоа не беше проблем да стигнат до највисоки плус четири, 11-7, но кавадарчани не се предаваа, иако во меѓувреме и Обина се пожали на повреда, па Тиквеш мораше да игра без цела стартна бековска линија. Мајиќ и Мијатовиќ намалија на минус два, 11-9, но на пауза гостите заминаа со водство, 13-10.
Тиквеш на два пати постигна лесни погодоци на празна мрежа во периодот кога битолчани играат без голман и стигнаа да намалат на минус еден, 15-14. Велков беше одличен на домашниот гол, па Тиквеш тргна во напад за реми при резултат 18-17 за битолчани, но немаше реализација.
Пропуштија кавадарчани уште една таква можност на десетина минути до крајот, па Радивојевиќ казни од пенал за плус два за Еурофарм Пелистер, 21-19. Им се пружи и трета шанса, но празниот гол не го погоди Манасков, па следуваше казна преку Борзаш за 22-20 за битолчани.
Велков му одбрани шут на Дејан Манасков, а на другата страна реализираше Анастасовски, 22-21. Следуваа грешки на двете страни, пред Тајник да зголеми на 23-21. Домашните уште еднаш не погодија, но исто така и гостите, па Стојановиќ викна тајм-аут на минута до крајот. Немаше време за нешто повеќе и Ѓорговски стрелаше за победа на битолчани.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Радивојевиќ со седум и Кузманоски со пет гола, додека одличен на голот беше Лесјак. Во составот на Тиквеш се истакнаа Мијатовиќ и Анастасовски со по пет погодоци.