Македонија е ракометна земја, а Охрид е клуб кој расте и кој има големи амбиции, вели во интервјуто за 24Ракомет десниот бек Никола Јукиќ, кој пред почетокот на плеј-офот го засили тимот покрај Охридското Езеро.
Хрватскиот десен бек Никола Јукиќ е ракометар со големо искуство зад своето име и со бундеслигашко искуство. Во кариерата настапуваше за Каштела (Хрватска), Понто Комбо и Шарт (Франција), Минден (Германија), АЕК (Грција) и Мудар (Саудиска Арабија).
Покрај настапите во младинскиот и кадетскиот состав, има и три настапи за сениорската репрезентација на Хрватска.
Многу убави работи слушнал за тимот на Охрид и градот уште кога настапувал во Бундес лигата и верува дека неговиот престој тука ќе биде успешен.
„Од клубот беа заинтересирани за мене, а и јас бев заинтересиран за нивната понуда, така да многу едноставно дојде до трансферот и јас сум благодарен на Бога за тоа. Првите впечатоци се одлични, луѓето се гостопримливи, а градот е многу убав. Еве веќе помина месец и неколку дена од моето доаѓање тука, екипата е супер, сите ме прифатија добро, со сите се дружам, си помагаме едни со други како на тренинзите така и приватно и навистина сум презадоволен“, вели хрватскиот интернационалец.
Запознаен е со лигата, вели дек има доста квалитетни играчи и клубови.
„Ја следев македонската лига секако, тоа е Балкан, следиме се, така да добро ја познавам лигата. Еурофарм Пелистер кој настапуваше во Лигата на шампионите, Вардар кој секогаш е силен и е поранешен двократен шампион на Европа, како и тимот кој го предводи Кире Лазаров, против кого имав можност да играм неколку пати во француската лига“, додава десниот бек.
Слушнал многу добри работи и за тренерот Алушовски, кој е легенда на македонскиот ракомет, така што сигурен е дека соработката ќе биде вистинска.
„Соработката е многу добра, од пристапот на тренинзите, анализата на натпреварите, подготовката, сето тоа многу ми се допаѓа и ми дава за право да кажам дека очекувам многу позитивни работи“, дециден е Јукиќ.
Моментално живее сам, но се снаоѓа. Како што вели, низ годините и менувањето на живеалишта се навикнал на тоа. Досега немал шанса да проба некое охридско традиционално јадење или некој македонски специјалитет, но секако дека има намера да проба, бидејќи македонската кујна многу му се допаѓа и му одговара.
На нашето прашање дали му фали нешто од родната Хрватска, без ни малку размислување одговори:
„Печено јагнешко“.
Го прашавме и што мисли за амбициите на клубот и дали Охрид има шанси за пласман во ТОП 3.
„Па има. Со ваква екипа, со вакви услови и со ваква работа сигурен сум дека можеме да се пласираме во првите три екипи на табелата. Фокусиран сум на целите на клубот и верувам дека на крај сите ќе имаме причини за задоволство“, заврши Јукиќ.
По ЕХФ неделата, тимот на Охрид го очекуваат натпреварите од Купот на Македонија, каде за ривал ќе го има Скопје. Доколку слави ќе игра против победникот од дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Куманово за место на Ф4 турнирот.