Откако и ја одзема организацијата на Русија на Европското првенство во 2026 година, Европската ракометна федерација реши дека континенталниот собир за две години ќе се одржи во пет држави.
Домаќини на ЕП ќе бидат Романија, Полска, Чешка, Турција и Словачка, a ЕХФ ја донесе оваа одлука откако ниту една од трите кандидатури на Романија/Словачка, Полска/Чешка и Турција не ги исполни сите услови за да биде домаќин на собир на 24 селекции.
ЕП 2026 ќе се одржи од 3 до 20 декември, а тоа ќе биде второто со 24 репрезентации. Прелиминарните групи ќе се играат во романските градови Орадеа и Клуж, во турската Анталија, чешкиот Брно, полскиот Катовице и словачкиот главен град Братислава.
Главната рунда ќе се игра во Клуж и во Катовице, а полскиот град ќе биде домаќин и на финалниот викенд. Како ова ќе се одрази на квалификацискиот систем, ЕХФ дополнително ќе објави.
Досега имаше повеќе случаи кога две или три земји биле организатори, а историски прв случај со пет домаќини ќе има во 2026 година, а можеби и во 2030 и 2032 година.
ЕП 2022 се одржа во Македонија, Црна Гора и Словенија, а ЕП 2024 ќе се игра во Австрија, Унгарија и Швајцарија. Континенталниот собир во 2028 година ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка, а домаќините на ЕП во 2030 и 2032 година ќе бидат објавени во декември годинава.