По тешкиот триумф над Охрид во минатото коло, шампионот Еурофарм Пелистер запиша уште една победа во суперлигашкиот плеј-оф. Избраниците на Бранко Ангеловски, предводени од Филип Кузмановски кој постигна дури 17 гола, го победија составот на Пролет со 32-29.
Иако гостите губеа во текот на целиот меч, во неколку наврати и со минус пет гола, сепак покажаа храбра игра во финишот на вториот дел.
Пелистерци поведоа со 5-2, па 11-6, а на паузата беше 16-13. Екипата предводена од поранешниот тренер на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ, малку по малку ја топеше негативата и стигна до реми, 25-25 на десетина минути до крајот.
Сепак капитенот Кузмановски погоди три пати по ред за 28-25 и стави точка на дилемите за евентуалниот победник. До крајот домашните само рутински ја одработија задачата и ги потврдија новите три бода.
Покрај Кузмановски со 17 гола, во победничкиот тим се истакна и Радивојевиќ со пет погодоци, додека во составот на Пролет најдобри беа Димковски и Андоновски со шест гола.
Сега Еурофарм Пелистер има четири од четири во плеј-офот, додека Пролет останува на трите бода од минатото коло.