Екипата на Мулти Есенс со триумфот над Еурофарм Пелистер 2 од 32:28 дојде до втора победа во борбата за опстанок. Новакот во македонската елита со денешните освоени бодови за момент ја презеде 4. позиција на табелата во плеј-аутот, додека младите пелистерци остануваат на девет бодови.
Гостите од Битола иако тргнаа добро, поведоа со 3:1 во воведните пет минути, сепак домаќините од 10 минута, па до крајот на полувремето имаа активен резултат и за нијанса беа подобри од гостинскиот тим.
Мулти Есенс во неколку наврати водеше со четири до пет гола разлика, но Еурофарм Пелистер 2 на крилата на црногорскиот интернационалец Печурица, кој имаше пет интервенции во финишот од првиот дел, успеа да ја намали негативата и на пауза замина со минус два, 17:15.
Домаќините по неколку минути игра во второто полувреме дојдоа до максималните плус пет од првиот дел победувајќи со 22:17. Еден од заслужните за одржувањето на предноста на домаќинот беше голманот Ерманоски. Во 38 минута дебитантот зголеми и на 23:17 и позитивата од шест гола предност беше доволна залиха за да обезбеди вториот триумф во плеј-аут фазата.
Најефикасни во победничката екипа со по седум погодоци беа Божидар Илиески и Михајло Костовски, шест додаде Михаил Иваноски. Во поразениот табор прво име беше Богдан Мијушковиќ со шест реализации.