Денеска во седиштето на Европската ракометна федерација се одржа ждрепката за групната фаза на кадетското ЕП.
Македонија, која преку квалификациите со Швајцарија, Словачка и Косово обезбеди место на континенталниот собир, доби тешка група.
Избраниците на Наум Танески ќе играат во групата Б против Полска, Германија и Франција, а само првопласираната продолжува во главната рунда, како и најдобрите две од шесте второпласирани селекции.
По одигрувањето на трите меча од групната фаза, 24 селекции се делат во три дела – главна рунда со осум репрезентации, разигрување за пласман на СП со осум репрезентации и разигрување за пласман и опстанок на ЕП со осум репрезентации.
Она што е сигурно е дека ќе се одиграат 96 натпревари на ЕП, а секоја репрезентација загарантирано ќе одигра по осум натпревари (три во групна фаза, три во главна рунда/разигрување за место на СП/разигрување за опстанок и плус два меча за пласман).
Само првопласираните шест селекции по групната фаза имаат загарантирано место во главната рунда, а дополнително уште две второпласирани ќе играат во главна рунда. ЕХФ треба да го потврди и начинот на кои ќе бидат одредени тие селекции и како ќе се формираат групите за разигрување за место на СП и оние за опстанок на ЕП.
Европското првенство за кадети ќе се игра во Подгорица во Црна Гора од 7 до 18 август претстојното лето.
ЕП кадети, Црна Гора:
група А: Грција, Србија, Хрватска, Словенија
група Б: Македонија, Полска, Германија, Франција
група Ц: Украина, Чешка, Данска, Норвешка
група Д: Израел, Швајцарија, Шведска, Унгарија
група Е: Романија, Австрија, Шпанија, Португалија
група Ф: Италија, Фарски Острови, Исланд, Црна Гора
ЕХФ шампионат, Косово:
група А: Азербејџан, Бугарија, Белгија, Косово
група Б: Грузија, Велика Британија, Луксембург
ЕХФ шампионат, Словачка:
група А: Турција, Естонија, Босна и Херцеговина, Литванија
група Б: Финска, Холандија, Летонија, Словачка