Ракометарите на ГОГ Гудме во натпревар од 13. коло од Лигата на шампионите на свој терен одиграа само реми 32:32 против полскиот вицепрвак Висла Плоцк.
ГОГ веќе има обезбедено пласман во осминафиналето, додека Висла Плоцк, која во претходната сезона стигна до четвртфиналето, сѐ уште не е сигурна за понатамошно учество во европската елита.
Домаќините во најголемиот дел од натпреварот беа во резултатска предност, во вторите 30 минути осетно ја зголемија предноста, но не ја сочуваа до крајот, па така гостите се изборија за голем бод.
Данскиот првак во последното коло ќе гостува во Словенија кај екипата на Целје, која во досегашниот тек од сезоната не освои бод.
Висла Плоцк, која на свое конто сега има девет бодови, три повеќе од Порто на Никола Митревски, токму со португалскиот тим ќе ги одмерат силите во последното коло од групниот сегмент во ЛШ.