Третото коло во суперлигашкиот плеј-оф донесе големи возбудувања на ракометните терени, а најголемото изненадување го приреди Тиквеш со победата над поранешниот шампион на Македонија, Вардар.
Кавадарчани предводени од Раде Стојановиќ тргнаа моќно во вториот дел од сезоната, во првото коло славеа над Струга, потоа одиграа егал со вицепрвакот и во третото коло успеаја да ги освојат бодовите против „црвено-црните“.
Тиквеш со победата над Вардар ја зголеми гужвата за првите три позиции на табелата. Вардар и понатаму останува во игра за првото место, но поразот во Кавадарци дополнително го оддалечи од водечката двојка.
Изненадување ќе имаше и во Битола доколку Еурофарм Пелистер во финишот не го скрши отпорот на избраниците на Стевче Алушовски. Охриѓани во Битола покажаа дека имаат квалитет да се носат со најдобрите и дека во сите натпревари ќе атакуваат на бодови, а капитенот на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, кој беше најдобар стрелец во дуелот со „рибарите“ одигра капитенски и покажа како треба да се гине за шампионскиот дрес.
Во скопската пресметка меѓу Пролет и Бутел Скопје, пресметка која исто така беше проследена со големи возбудувања, победа оствари Пролет, откако дојде до прв триумф во плеј-оф фазата, додека тимот на Горан Кузманоски го запиша третиот пораз во вториот дел од сезоната. Двете екипи низ групниот сегмент во првиот дел од сезоната дадоа до знаење дека можат да се носат со посилните, па така сигурно нема да излезат со бело знаме против екипите кои се во горниот ешалон.
Вицепрвакот од Автокоманда во Струга кај истоимената екипа ја продолжи победничката серија. Избраниците на Кире Лазаров на дел од натпреварот наидоа на отпор од страна на домаќините, но како одминуваше времето сѐ повеќе до израз доаѓаше квалитетот на „сино-белите“ од Автокоманда. Вреди да се напомене дека деби настап во суперлигашката конкуренција имаше членот на Струга, 13-годишниот Војо Клењоски, кој настапува на позицијата десно крило.
Супер лига, 3. коло, резултати:
Плеј-оф
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ОХРИД 31-27 (ИЗВЕШТАЈ)
ТИКВЕШ – ВАРДАР 22-20 (ИЗВЕШТАЈ)
ПРОЛЕТ – БУТЕЛ СКОПЈЕ 20-18 (ИЗВЕШТАЈ)
СТРУГА – АЛКАЛОИД 22-32 (ИЗВЕШТАЈ)