Ракометната федерација на Македонија од оваа сезона ќе организира и четврто натпреваруање во младинските категории.
Првенствата за младинци (младинки), кадети (кадетки) и пионери (пионерки) се во полн ек, а од крајот на овој месец ќе бидат активни и најмладите – деца родени во 2014 и 2015 година.
РФМ ги повика сите заинтересирани клубови, машки и женски, да се пријават до 21 октомври, а првиот турнир е планиран да се одржи на 31 октомври во Скопје, по што следните турнири би се играле и во други градови низ Македонија во текот на сезоната.
Врз основа на доставените пријави, РФМ ќе ги утврди форматот, распоредот и начинот на организација на натпреварувањето.
„Веруваме дека преку ваквиот начин на натпреварување ќе овозможиме поголема вклученост на децата, стекнување натпреварувачко искуство и создавање позитивна спортска атмосфера, со што заеднички ќе придонесеме за развојот на младинскиот ракомет во Македонија“, се вели во објавата на РФМ.
























