Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во натпревар од 12. коло од Лигата на шампионите губи од Кил со 19:10 на полувреме. Битолскиот тим имаше лош старт и тешко беше да го запре налетот на домашниот тим.
Ракометарите на Филип Јиха уште на почетокот ја покажаа својата доминација и во текот на првото полувреме имаа голема комоција во играта. Домаќинот иако беше ослабен со неиграњето на неколку клучни ракометари, сепак, имаше одличен старт, поведе со 6:1 и како одминуваше времето растеше предноста во корист за „зебрите“.
По 15 минути игра предноста на домаќините беше 11:4 и тука веќе беше јасно дека битолчани ќе имаат тежок предизвик во преостанатиот дел од првите 30 минути. Избраниците на Брнако Ангеловски премногу простор му оставаа на домаќинот, кој ретко промашуваше и во 20 минута предноста на Кил изнесуваше девет гола разлика, 14:6.
До тој момент, македонскиот шампион имаше седум грешки, додека домаќинот само една. Во преостанатиот дел од првото полувреме, битолскиот тим никако не можеше да ја преполови негативата и во 25 минута Кил дојде до првата двоцифрена предност од 17:7.
Новото засилување во Еурофарм Пелистер, Матеуж Пиеховски, во првото полувреме го постигна дебитанскиот гол за битолскиот тим. Составот на Јиха рутински одигра во последните пет-шест минути и на пауза замина со резултатска предност од 19:10.