По триумфот на гостувањето кај Бутел Скопје, ракометарите на Охрид славеа и во езерскиот двобој против составот на Струга со 31-24. Домашните имаа проблеми само на стартот, но кога полека фатија ритам и воспоставија контрола на теренот немаа проблеми против стружани. Уште во првото полувреме направија шест гола предност, а во вториот дел само рутински ја задржаа и не дозволија никакво изненадување или камбек на противникот. Сега Охрид има осум бода, исто колку и шампионот Еурофарм Пелистер на првата позиција на табелата.
Во првите десетина минути се играше израмнето, 6-6 и ниту една од екипите не успеа да се одлепи на повисока разлика. Стратегот на домашните, Стевче Алушовски, не беше задоволен од изданието на неговите избраници и рано викна тајм-аут.
Кон средината на првиот дел се намножија грешките во нападот на стружани, охриѓани ги казнуваа со лесни погодоци, последните два од гол на гол, за 10-6, преку Ојлески, Јукиќ и капитенот Тасески.
Стружанецот Ојлески против својот матичен клуб погоди уште еднаш и веќе беше 11-6 по дваесетина минути игра, а гостите, кои беа без Младеновски, немаа многу опции во нападот. Постот го прекина Бошњак со голот од пенал за 12-7.
Водеа домаќините на три пати и со плус седум во финишот на првото полувреме, но на пауза заминаа со шест гола залиха, 17-11, откако десниот бек Бошњак реализираше во последните секунди.
На стартот на вториот дел набрзина Охрид зголеми на 22-13 и немаше многу возбудувања на теренот во преполниот СРЦ „Билјанини Извори“, каде што беа присутни и двете навивачки групи – „Рибари“ и „Паткари“.
По 28-17 за Охрид, тренерот на гостите, Наум Танески им даде шанса на помладите од составот – Велјаноски, Мечкароски, Ѓорѓиески…и Струга успеа со три гола во серија да намали на 28-20, но тоа не промени многу во текот на натпреварот.
Домашните до крајот одиграа само рутински и се израдуваа на вториот триумф во плеј-офот. Најдобри стрелци во победата беа Цирар и Орјоникидзе со по шест гола, а пет даде Ојлески.
Кај Струга се истакна Мерис Бошњак со 13 погодоци во домашната мрежа. Во следното коло Охрид ќе му гостува на шампионот Еурофарм Пелистер, додека Струга ќе го пречека вицепрвакот.