Викендов беа комплетирани осминафиналните натпревари од третото по ранг европско клупско натпреварување, Европски Куп.
Познати се осумте екипи што продолжуваат во четвртфиналето меѓу кои ќе биде и грчкиот Олимпијакос, на чија клупа седи екс стратегот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ.
Неговиот тим со двоен триумф на домашен терен против италијанскиот Бриксен немаше проблеми да стигне до ТОП 8.
Унгарскиот Ференцварош, кој е еден од фаворитите за трофејот, исто така забележа две победи над турскиот Бешикташ, исто како словенечката Крка и романската Баја Маре.
Интересно беше во Карвина, каде чешкиот тим не успеа да ја надополни негативата од првата средба со Стеауа и одигра само реми, како и во Шабац, каде Металопластика иако водеше со четири гола, на крајот загуби од исландскиот Валур и беше елиминирана.
Во австрискиот двобој Брегенц го елиминира Кремс, кој беше кобен за Тиквеш во втората рунда, а во четвртфиналето оди и словачкиот Татран Прешов, кој на вториот меч предводен од босанскиот репрезентативец Марко Давидовиќ со 14 гола од 14 обиди, го совлада исландскиот Хафнарфјордур со 31-23 и ја надмина негативата од првиот дуел.
Европски Куп, осминафинале, резултати:
Бешикташ – Ференцварош 32-34, 36-39
Стеауа Букурешт – Карвина 28-27, 29-29
Кремс – Брегенц 26-26, 30-33
Баја Маре – Вогошча 36-26, 34-25
Слобода Тузла – Крка 15-19, 26-29
Валур – Металопластика 27-26, 30-28
Татран Прешов – Хафнарфјордур 30-35, 31-23
Бриксен – Олимпијакос 23-29, 25-37