Тимот на Шампион со два гола во последните две минути се избори за голем бод против составот на Овче Поле Славјански Универзитет, 28-28.
Иако гостинките од Свети Николе, кои формално се водеа како домаќинки на овој меч водеа со 28-26, прерано почнаа да се радуваат на победата.
Претходно Шампион во првиот дел имаше и плус три предност, но Овче Поле СУ направи комплетен пресврт и поведе со 14-10, а на пауза беше 15-12.
Во второто полувреме Шампион се врати во егал, 18-18, и оттогаш најчесто се играше гол за гол. Со три гола во серија избраничките на Илија Бетувски од 25-24, поведоа со 27-25.
Беше и 28-26, но најпрво Бојковска од пенал погоди за минус еден по исклучувањето на Конева, а по грешката на Овче Поле СУ, останаа уште петнаесетина секунди за напад на Шампион.
Избраничките на Слободан Чивлачки се изборија за чиста ситуација, по која одново Бојковска беше реализатор и мечот заврши реми.