Јанкуловска: Очекувам двојна круна со Ѓорче Петров и голем успех во Европа

Овој викенд ќе започне вториот дел од сезоната во единственото женско сениорско натпреварување во Македонија.

Актуелниот бранител на титулата, тимот на Ѓорче Петров, не загуби натпревар во првиот дел од сезоната, имаше 100% учинок, 13 од 13.

Ѓорчепетровки паралелно со почетокот на пролетниот дел од сезоната ќе се подготвуваат за четвртфиналниот двомеч со шпанскиот Елче.

Една од најмладите во тимот на Ѓорче Петров, Марија Јанкуловска, во разговор за 24Ракомет истакна дека амбициите на шампионот се двојна круна во Македонија и добар пласман во Европа.

,,Се разбира дека нашите цели и очекувања се тимот да ја освои двојната круна во домашното првенство и да стигне што подалеку во Европа. Веќе подолго време ниту една женска екипа од Македонија нема постигнато успех каков што постигнавме ние во оваа сезона во европски рамки. Голема чест и задоволство е да се претставува македонски тим во европско натпреварување”, изјави Јанкуловска.

Битолчанката вели дека одличните резултати во првиот дел од сезоната, како и забележителниот успех во Европа, се резултат на напорна работа.

,,Натпреварите во Европа сѐ со поголем интензитет за разлика од оние натпревари кои ги играме во домашниот шампионат, но нашиот тим паметно ги распредели силите и одигра како што треба. Постигнатиот резултат во првиот дел од сезоната во домашниот шампионат, како и во Европа, можам да кажам дека е производ на нашата долгогодишна напорна работа и ентузијазам на сите девојки во тимот”, додаде Јанкуловска.

Младата ракометарка е оптимист за четвртфиналниот двомеч против Елче од Европскиот Куп. Во екипата на Елче настапува легендарната ракометарка и екс репрезентативка на Бразил, Александра До Насименто, но за Ѓорче Петров тоа претставува дополнителна мотивација.

,,За ривал во четвртфиналето од Европскиот Куп го добивме најквалитетниот тим од шпанското првенство. Тоа што Насименто игра во Елче ни дава до знаење дека треба да ја респектираме екипата, но таа е играч како и сите други, има јаки и слаби страни, кои ние ќе треба да ги пронајдеме и искористиме во наша полза. Имам верба во мојот тим и знам дека нѐ случајно сме меѓу најдобрите осум европски екипи. Секој натпревар од домашниот шампионат, без разлика против која екипа играме, ќе ни биде добредојден пред двомечот со Елче”, вели Јанкуловска.

Членката на Ѓорче Петров се надева на остварување на зацртаните цели за тековната сезона.

,,Во клубот се чувствувам како дома, а девојките ги гледам како голема фамилија. Лимит немаме, имаме цел која што сакаме да ја оствариме и се надевам дека ќе успееме. Како што напоменав на почетокот, очекувам двојна круна во домашниот шампионат и голем успех во Европскиот Куп”, заврши Јанкуловска.

Ѓорче Петров оваа сабота игра со Пелистер, потоа следниот викенд ќе гостува во Струга кај Стружанка.

Дуелите со Елче во Европскиот Куп се закажани за 10 и 17 март. Првиот дуел ќе се одигра во Елче, реваншот во Автокоманда.