Екипата на Рајн Некар, која во квалификациите за пласман во групниот сегмент од Лигата на Европа го доби двомечот против Вардар, игра лоша сезона во домашниот шампионат.
Рајн Некар во натпревар од 21. коло од Бундес лигата загуби на гостувањето кај Лемго со 33:25. За „лавовите“ од Манхајм ова беше десетти пораз во тековната сезона.
Германскиот шампион од сезона 2015/16 и 2016/17 доколку продолжи со лошите резултати може во следната сезона по вторпат од своето европско учество да остане без место во Европа.
Во сезона 2012/13 Рајн Некар го освои трофејот во Европскиот куп, откако во финалето славеше над Нант.
Ракометарите на Рајн Некар се наоѓаат на 9. позиција во Бундес лигата, на свое конто имаат 18 бодови и до крајот од сезоната ќе треба да дадат повеќе од потребното за да бидат меѓу најдобрите шест екипи.
Следен предизвик за Рајн Некар ќе биде дуелот против Горњик Забже во Лигата на Европа, потоа го очекува вистински тест со Фленсбург.