Некогашната бразилска репрезентативка Едуарда Аморим, која сега е дел од стручниот штаб на женската репрезентација на Македонија, се потсети на времето кога пред 18 години за првпат се пресели во нашата земја.
Таа во Скопје дојде по препорака на нејзината сестра Ана Каролина Аморим, која пак беше забележана од раководството на Кометал Ѓорче Петров на кадетскиот Мундијал во Македонија.
Веднаш потоа дојде и Едуарда, во 2006 година, кога имаше 20 години и почна да го пробива својот пат кон Европа. Таа на социјалните мрежи се потсети дека поминаа 18 години од нејзиното доаѓање во Скопје од Сао Каетано.
„Бројот 18 има посебно место во моето срце, одбележувајќи 18 години откако гордо го носев за Кометал Ѓорче Петров. Како дел од овој легендарен тим ги направив моите први чекори како професионален спортист и ми всади вредности на тимска работа, упорност и спортски дух“, напиша Аморим.
Во 2009 замина од Кометал ЃП во Ѓер, каде остана 12 сезони, а доби и унгарско државјанство. Сезоната 2021/22 беше последна во нејзината кариера, ја подели на два дела во рускиот Ростов Дон и романскиот ЧСМ Букурешт, а во меѓувреме стана мајка, но за кратко време му се врати на ракометот и сега е дел од стручниот штаб на Македонија, со која е многу блиску до пласман на ЕП 2024 година.
Меѓу најголемите успеси е светската титула со Бразил во 2013 година, а има освоено и пет титули во Лигата на шампионите со Ѓер. Освои четири двојни круни во Македонија, 10 титули во унгарскиот шампионат, 11 трофеи во Купот на Унгарија, како и еден трофеј во Купот на Романија.