Селекторот на женската сениорска репрезентација, Кристијан Грчевски, го објави поширокиот список на ракометарки за претстојните натпревари од квалификациите за ЕП 2024 година.
Македонија на 29 февруари и на 3 март ќе игра двомеч со селекцијата на Шпанија, а овие средби ќе го одлучат првото место во групата во која се уште и Литванија и Азербејџан.
На списокот на Грчевски нема изненадувања и главно тоа се ракометарки што и претходно се наоѓаа на собирите, а единствено ќе биде отсутна Моника Јанеска, која ќе прави пауза од ракометот поради бременост.
Досега во квалификациите нашата репрезентација запиша две победи во исто толку натпревари против Азербејџан и Литванија, и практично се пласираа на ЕП.
Првиот меч со Шпанија се игра на 29 февруари во СЦ „Борис Трајковски“ од 18:00 часот, додека вториот дуел е во Ланцароте на 3 март од 17:00 часот.