Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска ќе го дознае ривалот за баражот за Светското првенство 2025.
Македонија, која на Европското првенство во Германија го освои третото место во својата група, е носител пред денешната ждрепка за вториот бараж двомеч, во кој нашата репрезентација е веќе пласирана.
Добро за Македонија е што меѓу носителите се Шпанија, Словенија, Исланд, Португалија, Холандија, Црна Гора, Чешка…па така избраниците на Кире Лазаров ги избегнаа како можни ривали споменатите репрезентации.
Сепак, Македонија од шеширот на неносителите би можела да налета на квалитетната Србија, незгодните Романија и Грција, па и на Швајцарија против која „црвено-жолтите“ триумфираа на континенталниот собир во Германија.
Натпреварите од првиот бараж се на програмата во март, додека оние од вториот бараж што ќе ги игра и Македонија ќе се играат во мај.
11 победници од бараж двомечите ќе обезбедат пласман на Мундијалот во 2025 година.
Светското првенство следната година ќе се игра во Данска, Норвешка и Хрватска од 14 јануари до 2 февруари.
Ждрепка за СП 2025, бараж 2:
шешир 1: Македонија, Шпанија, Црна Гора, Полска, Чешка, Словенија, Унгарија, Португалија, Австрија, Исланд, Холандија
шешир 2: Словачка/ Израел, Естонија/Украина, Финска/Литванија, Белгија/Италија, Босна и Херцеговина, Србија, Грција, Фарски Острови, Швајцарија, Романија, Грузија