Репрезентацијата на Шведска со победа ја започна борбата за полуфинале на ЕП, откако на првиот дуел од главната фаза триумфираше над Словенија со 28:22.
Европскиот првак сега на табелата има четири бода, исто колку што има и Данска, по два бода имаат Португалија и Словенија, а без бодови се Норвешка и Холандија.
Избраниците на Урош Зорман иако имаа посакуван старт, сепак, во период од 20 минута, па до крајот на првиот дел дозволија Шведска да создаде убава предност и да има активен резултат на полувреме. Словенија отвори со 3:1, одредени блесоци имаше голманот Ферлин, кој првиот дел го заврши со седум интервенции, разигран беше Доленец, па така Словенија дваесетина минути одржуваше резултатска контрола од еден до два разлика.
По водството на Словенија од 6:5, актуелниот бранител на титулата направи целосен пресврт, со серија од 5:0 дојде до предност од 10:5. Еден од најзаслужните за предноста беше голманот Паличка. Токму во периодот од 20 до 30 минута беше одлучен победникот на натпреварот, бидејќи Словенија на полувреме имаше негатива од 11:7, додека во вториот дел тешко доаѓаше до реализација и беше под психолошки притисок да направи камбек.
Швеѓаните како што завршија во првиот дел, започнаа во второто полувреме, врзаа четири гола во низа и во 33 минута ги имаа дотогаш највисоките осум гола разлика, 15:7. Составот на Зорман за момент направи мини серија, намали на 15:9, но до крајот Шведска беше во полна сила, лесно ги казнуваше грешките на ривалот и рутински го одработи последниот период од натпреварот.
Најефикасни во победничката репрезентација беа Лукас Пелас и Себастијан Карлсон со осум, односно шест погодоци. Во поразениот табор прво име беше Алекс Влах со седум реализации.
Следен ривал за репрезентацијата на Шведска ќе биде Данска, која денес славеше на дуелот со Холандија. Словенците во второто коло од главната фаза ќе се соочат со Португалија.