Репрезентацијата на Полска го освои третото место во групата Д, откако го доби дуелот против Фарски Острови со 32:28. Дебитантот, кој во претходното коло одигра реми со Норвешка, потфрли во последните пет минути, во кои Полска ја направи клучната разлика и со победа го заврши настапот на ЕП.
Двете репрезентации во текот на првото полувреме играа гол за гол, наизменично се менуваа во водство и резултатот најчесто беше нерешен. Кај дебитантот на Европското првенство сѐ одеше преку Елијас Елефсен а Скипаготу, кој до 15 минута зад своето име имаше пет погодоци од седум обиди.
По нерешените 9:9, репрезентацијата на Фарски Острови прва направи исчекор, поведе со 11:9, но никако не можеше да воспостави резултатска контрола, бидејќи Полјаците со серија од 3:0 повторно ја вратија минималната предност и на осум минути пред крајот на првиот дел поведоа со 12:11. До крајот на полувремето имаше голема борба, репрезентацијата на Полска водеше со гол позитива, додека мотивираните ракометари од островската земја изрмануваа и на пауза се замина со нерешен резултат, 15:15.
Како што се започна првиот дел, така се продолжи и во вторите 30 минути, во кои имаше многу надигрувања и борба за секоја топка. Во 40 минута резултатот беше 19:19, три минути подоцна Полска за првпат поведе со два гола разлика, 22:20. Фарски Острови не се предаваа, израмнија на 22:22, следуваше период, во кој двете репрезентации постигнаа по четири гола, потоа во 50 минута Полска се одлепи на 28:26 и до крајот имаше активен резултат.
Еден од дебитантите, репрезентацијата на Грузија, со пресврт славеше над БиХ со 22:19 и го освои третото место во групата Е.
Босанската репрезентација имаше фуриозен старт, поведе со 3:1, после десет минути игра имаше 5:2, додека во 15 минута зголеми до дотогаш највисоките плус четири, 6:2. Грузија речиси девет минути немаше реализација во голот на БиХ, па така избраниците на Ирфан Смајлагиќ ја продолжија серијата, постигнаа уште два гола и дојдоа до водство од плус шест, 8:2.
Ракометарите на Грузија заиграа поангажирано во последниот период од првото полувреме, ја преполовија негативата, постигнаа дури пет гола во низа и во 20 минута предноста на БиХ изнесуваше 8:7. Составот на Смајлагиќ имаше „црна дупка“ во периодот од 18 до крајот на првиот дел, во тој период постигна само еден гол, а прими два. По 30 минути игра, резултатот беше 9:9.
БиХ на стартот на вториот дел бргу дојде до 12:9, но повторно кога требаше да влезе во поголема брзина и да го реши натпреварот, дозволи Грузија да направи целосен пресврт. По водството на БиХ од 13:10, избраниците на Тите Каланадзе со серија од 4:0 поведоа со 14:13 во 42 минута. Избраниците на Смајлагиќ во 53 минута за момент се вратија во игра, изрманија на 18:18, но Грузија во клучните моменти беше подобриот противник на теренот и заслужено се радуваше на првата победа на големите натпреварувања.
Чешка со победа го заврши настапот на Европското првенство, откако во дуелот со нашиот јужен сосед триумфираше со 29:20. Ракометарите на Сабате победата ја обезбедија уште во првото полувреме, кое го добија со 15:8. Грција дебитанскиот настап на континенталните собири го заврши со три порази, додека Чешка го освои третото место во групата Ф.