Репрезентацијата на Швајцарија направи големо изненадување во дуелот од второто коло против Франција, откако успеа да одигра нерешено 26:26, иако следниот ривал на Македонија можеше и да победи, но во последниот напад голманот Беласен го одбрани ударот на Шмид.
Швајцарците беа закана за „триколорите“, во текот на сите 60 минути, во кои беа повеќе од рамноправен противник, на моменти одржуваа минимална предност во првиот дел, но никако не можеа да дојдат до поголема позитива од еден гол.
По израмнетиот старт во воведните десет минути, кон средината на првиот дел, француската репрезентација за првпат поведе со плус два 8:6 и овие два гола предност на олимпискиот првак не беа никаква демотивација за Швајцарија, напротив, незгодниот ривал се врати во игра и на полувреме имаше нерешен резултат.
По предноста на Франција од 10:8, составот на Швајцарија направи серија од 3:0, најпрво израмни на 10:10, потоа со голот на Шмид ја врати предноста, поведе со 11:10. До крајот на полувремето се играше гол за гол, имаше голема борба за секоја топка, а по 30 минути игра резултатот беше нерешен, 14:14.
Главен виновник за добрата игра на Швајцарија во првиот дел беше Лукас Лабе, кој постигна шест погодоци од седум обиди, но и голманот Никола Портнер со шест интервенции. Во вториот дел, односно во периодот од 35 до 50 минута, ракометарите на Жил започнаа постепено да создаваат резултатска предност, во 40 минута имаа 20:16, пет минути подоцна водеа со 22:20.
Швајцарија не се предаваше, ја чекаше својата шанса да направи камбек и на осум минути пред крајот со серија од 3:0 дојде до израмнување, 24:24. Од тој момент секој напад значеше многу, бидејќи на крајот решавачки беше еден шут.
една грешка можеше да одлучи со каков исход ќе завршеше возбудливиот дуел. Двете репрезентации до крајот постигнаа по два гола, но Швајцарија има за што да жали, бидејќи имаше и напад за победа, но голманот Беласен го одбрани ударот на Шмид за поделба на бодовите.
Шпанија, која во првото коло неочекувано беше висока поразена од Хрватска, денес немаше поголеми проблеми против репрезентацијата на Романија. Шпанците триумфираа со 36:24, а сѐ беше познато по првото полувреме, кое го доби „црвената фурија“ со 17:12.
Романците беа рамноправни до 15 минута, потоа како да кренаа раце од дуелот, дозволија ривалот лесно да постигнува голови, оставаа премногу простор во одбраната, па така искусната репрезентација лесно го одработи вториот дел.
Последен ривал за Шпанија во рамки од групната фаза е репрезентацијата на Австрија. Избраниците на Алеш Пајовиќ вечерва во терминот од 20:30 часот ќе играат против хрватската репрезентација.
Романија со двата порази, денешниот од Шпанија и првиот од Австрија, ќе започне полека да се пакува за дома. Четата на Чави Паквал во последното коло ќе игра против Хрватска и дуелот со „коцкестите“ ќе биде последна шанса за да се постигне поволен резултат и со победа да се заврши настапот на континенталниот собир.
Црна Гора го доживеа вториот пораз, откако во дуелот со Исланд беше поразена со 31:30 (17:15). На двете репрезентации неопходна им беше победа за да останат во игра за пласман во главната фаза на континенталниот собир.
Островската земја во најголемиот дел од натпреварот беше во предност, но можеше од готово да направи вересија. Избраниците на Шола во второто полувреме играа „топло-ладно“, во еден период се вратија, потоа пак потонаа, но ниту Исланд не играше на ниво и дозволи Црна Гора да направи камбек. Црногорците имаа шанса да освојат барем бод во дуелот со „рибарите“ и кога најмногу требаше не беа доволно фокусирани.
Клучен момент на натпреварот беше последната минута кога при нерешени 30:30, ракометарите на Исланд преку Гисли Кристијансон реализираа за 31:30, потоа во последните секунди Борозан промаши напад за реми.
Предводник во победничката репрезентација беше Игни Магнусон со седум погодоци, додека во поразениот табор се истакна Вуко Борозан со пет погодоци.