24АНАЛИЗА: Да извлечеме лекции, а не да буткаме се под тепих заради мирен сон

Пред почетокот на ова ЕП во размислувањето колку, како, и што би можеле да очекуваме на овој турнир низ глава ми преовладуваше како и секогаш позитивна мисла. Мисла која без разлика на последните две резултатски фијаска што ги доживеавме на големите натпреварувања каде игравме, остана со голема доза на позитива затоа што познавам најголем дел од овие играчи и цврсто сум убеден дека ниту тие ниту македонската спортска јавност не го заслужуваат ова што моментално сите ние го живееме од нашата некогаш најуспешна репрезентација.

Се доведовме во позиција каде што буквално сме тема за потсмев, и она што највеќе ме боли, репрезентација која не ја ужива почитта од спортските работници, која ја градевме долги години. Меѓутоа и тоа би го проголтал да имаше некоја цел, пат, правец по кој се движиме што ќе значи ВИСТИНСКИ прогрес или промена на нештата кои би значеле успех.

Од она што можев да го видам во Диселдорф можам само да кажам дека апсолутно беше разочарувачки она што ние го играме како ракомет. Тактички комплетно промашено речиси се. Но, да одиме од почеток.

Најпрво, мислам дека играта со брз центар против една Франција која што е физички апсолутно доминантна во однос на нас, е тотално промашување затоа што неможе да очекувате дека ќе ги наттрчате Французите и да очекувате некаков резултат.

Наместо комплетно да ја мртвиме играта и да играме на долг напад кој ке биде сведен на минимум технички грешки, а со самото тоа нема да им дадете шанса на Французите за брза игра, а со тоа и помал број на напади и нормално помалку примени голови, и по логика на нештата и разликата ќе беше “прифатливи” 4/5 голови.

Француската репрезентација во второто полувреме имаше само ДВЕ одбрани од нивниот голман а нашиот Никола Митревски беше далеку порасположен. Што ќе се случеше ако по природа на нештата францускиот голман одбранеше 7/8 топки што е очекувано. Колкава ќе беше разликата тогаш!?

Размислувањата и изјавите од типот “лигата е ваква, секој треба да работи на себе” се се само не реално гледање на ситуацијата. Можеби и селекторот треба да почне да работи на себе и на своето его, и тактичка подготовка и на составување на ВИСТИНСКИ стручен штаб. Јас навистина не можам да сфатам и разберам кои се квалификациите на луѓето таму, за ние да имаме таков стручен штаб!?

Луѓе.. дај да ставиме сите прст на чело и вистински да ги согледаме работите. Мене единствено ми е криво за тие дечки таму (играчите) затоа што се доведени во таква ситуација во која се. Не можеме да очекуваме да напредуваат кога им се рацете врзани заради нечии лечења на комплекси.

Нека биде ова една лекција од која вистински ќе се извлечат лекции, а да не биде само буткање се под тепих заради мирен сон.

Јас ИСКРЕНО сакам да упатам една порака до играчите .. па ако сакате и до стручниот штаб. Нека биде ова само еден лош ден… Имаме квалитет, и само главата горе.

Без разлика на се, Македонија е со вас!!

  • *Борко Ристовски е поранешен македонски репрезентативец, кој сега ја извршува функцијата извршен директор во Вардар. Чуварот на мрежата бранеше за Вардар, Металург, Maкедонија и Југ, а на меѓународна сцена го бранеше голот на големата Барселона, на бундеслигашите Гумерсбах, Лемго и Рајн Некар Левен, беше дел од шпанските Теукро и Алгесирас, францускиот Кретеј, португалската Бенфика…За македонската репрезентација настапи на многу големи натпреварувања, а беше дел и од најголемиот успех на ЕП 2012 во Србија.