Машката репрезентација на Македонија загуби очекувано на стартот на Европското првенство од селекцијата на олимпискиот првак Франција со 39-29.
Ракометарите на Македонија во дуелот со силниот состав на Франција направија дури 21 техничка грешка.
Селекторот на Македонија, Кире Лазаров, имаше пофални зборови за неговите избраници, истакнувајќи дека очекувал помал пораз, со оглед на добрата игра во поголемиот дел од натпреварот.
,„Честитки за француската репрезентација, која заслужи да победи на овој натпревар. Можеби денес игравме против најсилната европска селекција. Игравме добро, задоволен сум, но не е доволно да играте добро во текот на 40-45 минути. Јас не сум задоволен од резултатот, бидејќи загубивме со десет разлика. Можеби пореално беше да биде на крајот шест до осум разлика. Направивме премногу грешки за еден ваков дуел. Сега имаме четири дена да го подготвиме натпреварот со Германија и верувам во оваа селекција“, изјави Лазаров.
Македонија вториот натпревар на континенталниот собир ќе го одигра против Германија на 14 јануари во Берлин.
Очекуван пораз за старт на ЕП: Моќната Франција ги освои бодовите против Македонија