Очекуван пораз за старт на ЕП: Моќната Франција ги освои бодовите против Македонија

Машката репрезентација на Македонија загуби очекувано на стартот на Европското првенство од селекцијата на олимпискиот првак Франција со 39-29. Македонските ракометари пружија отпор во првиот дел, водеа во повеќе наврати со плус два, имаа шанси и за плус три, но не реализираа, па оттогаш колата тргна надолу. За петнаесетина минути во првиот дел беа постигнати само три гола, па на пауза Французите имаа 17-13. Во второто полувреме селекторот Жил ротираше многу, погодуваа Пранди, Деска, Наи…и предноста на ривалот само растеше до конечните плус десет. Македонија имаше светли моменти – Митревски бранеше на ниво, пивотите имаа одлична реализација, но тоа не беше доволно за нешто повеќе на овој меч.

По двата неуспешни напади на двете страни, Талески го отвори резултатот, но Французите набрзина одговорија брзо со голови од пенал на Деска и Мем за 2-1. Џонов имаше убава акција за реми, но следуваа две грешки во нападот и бевме казнети со два гола за 4-2 по пет минути игра.

Митревски имаше три одбрани во серија, Пешевски погоди за 5-5, а Костески донесе ново водство за Македонија, 7-6. Имавме и акција за плус два, но шутот на Талески беше блокиран, а набрзина Мем реализираше за 8-7. Нашиот напад изгледаше добро, лесно се наоѓаа позиции до голот на Дебоне и по петнаесетина минути, Македонија стигна до плус два, 10-8.

Капитенот Митревски им одбрани удари на Карабатиќ и Ремили, а селекторот Лазаров форсираше во овие моменти „седум на шест“ што донесе дополнителни проблеми за Французите, па по петнаесетина минути Жил мораше да бара тајм-аут. Дебоне му одбрани удар на Кузмановски за плус три, па по двете наши грешки, Франција се врати во егал, 10-10.

Избравме во неколкуте следни напади, па казните веднаш стигнаа за 12-10, откако Дебоне вторпат му одбрани шут на Лазаревски. Беше и 13-11, а по грешката на Митев за првпат Франција беше на плус три со голот на Пранди. Лазаров веднаш реагираше со тајм-аут.

Беше и 15-12, но течноста на македонскиот напад не беше како на стартот, па имавме проблеми со реализацијата. За разлика од нас, Французите лесно реализираа и за првпат беше плус четири, 16-12 по голот на Ричардсон. Имаше уште по еден гол на двете страни за 17-13 на паузата.

Франција стигна до плус пет на стартот на вториот дел, 20-15, а со играта „седум на шест“ им правевме проблеми на линијата на ривалите. Прво реализираше Маркоски, потоа Пешевски изнуди пенал, но Кузмановски не реализираше. Одново Кузмановски имаше промашување, па иако Митревски му одбрани шут на Карабатиќ, од втора потоа тој погоди за највисоки дотогаш, 25-18.

Беше и плус осум, 27-19, па Лазаров реагираше со тајм-аут и Лазаревски намали на 27-20, а потоа уште еднаш истиот играч беше прецизен за 28-22. Слично како и во финишот на првиот дел, така и во второто полувреме, имавме проблеми со враќањето во одбраната, па Франција лесно погодуваше на непоставена одбрана и на десетина минути до крајот беше 31-24.

До крајот немаше никакви дилеми околу победникот и големи возбудувања на теренот и Франција само рутински го доврши мечот. Најдобри стрелци во македонскиот тим беа Жарко Пешевски со седум гола и Иван Џонов со шест погодоци, Кузмановски имаше четири, а Талески три погодоци, додека голманот Митревски забележа десет одбрани. Следниот натпревар Македонија го игра против домаќинот Германија на 14 јануари од 20:30 часот.