Се раѓа нова идеја во Охрид – екс ју селекциите да играат меѓусебе секоја година

Вчера стартуваше новото издание на турнирот „Трофеј Македонија“ што во Охрид ги собра селекциите на Македонија, Хрватска, Србија и Црна Гора.

Претставниците на сите федерации и сите селектори се согласија дека убава идеја е репрезентациите од Балканот, тука вклучувајќи ги Босна и Херцеговина и Словенија, да играат меѓусебе во една од ЕХФ неделите, а секоја година би бил различен домаќин.

Тоа често го прават селекциите од Скандинавија, а би било одлично ако прерасне во традиција и турнирите со балкански репрезентации.

„Сите ја прифативме оваа идеја и мислам дека е навистина добра. Доколку има простор, би можело да се организира уште еден ваков турнир. Ако однапред се организира и се знае во која земја ќе се одржува, сигурно би било одлично за сите репрезентации. Одлична идеја е и јас лично целосно ја поддржувам“, вели Ивица Обрван, селекторот на Хрватска.

Со него се согласи и Драгана Цвијиќ, асистент на селекторката на Србија, Сандра Колаковиќ.

„Јас целосно би се согласила. Мислам дека ова се многу важни натпревари и дека репрезентациите од Балканот можат да разменуваат искуства, да играат едни против други и да научат многу. Доколку ова стане практика и во иднина, јас би била навистина среќна. Верувам дека и луѓето од нашиот сојуз би се согласиле со тоа. Нам ни недостигаат натпревари и би сакале да играме што е можно повеќе, особено против репрезентации со кои сега сме на турнирот. Се надевам дека во иднина повторно ќе се собереме и ќе играме вакви натпревари. Ова сигурно нема да биде последен пат“, вели Цвијиќ.

Селекторката на Црна Гора, Сузана Лазовиќ, вели дека треба да биде земено во предвид пред секое големо натпреварување, дали ќе има меѓусебни екс-ју дуели, па така да бидат распоредени групите.

„Секако, треба да внимаваме и на противниците кои нè очекуваат на првенството. На пример, ние сега сме во група со Словенија, а минатата година игравме со Хрватска. Мислам дека и таквите работи треба да се земат предвид при организацијата. Сепак, ние сме отворени за вакви иницијативи и мислам дека треба да работиме на тоа. Имаме сличен менталитет и темперамент и сметам дека токму со балканските репрезентации можеме најдобро да се подготвиме и да им парираме на европските и скандинавските селекции“, изјави Лазовиќ.

Новиот селектор на Македонија, Игор Марковиќ, се согласи со сите останати.

„Се согласувам со селекторите. Мислам дека ова е добар турнир и дека навистина може да стане традиција. Самата репрезентација на Македонија, како селекција која во овој момент треба да напредува и да се стреми кон подобри резултати, секоја година може да научи нешто повеќе од вакви натпревари. Сметам дека ваквите средби се многу важни за нашиот развој и верувам дека од година во година можеме само да напредуваме“, изјави Марковиќ.