Машката кадетска репрезентација на Македонија со победа над Косово од 33:24 обезбеди пласман на Европското првенство во Црна Гора.
Од квалификациската група која се играше во Автокоманда, освен Македонија, пласман на кадетскиот континентален собир обезбеди и Швајцарија.
Косово беше незгоден ривал до средината на првиот дел, имаше предност во неколку наврати, но „црвено-жолтите“ во последниот период од првото полувреме успеаја да бидат подобриот противник на теренот.
По нерешените 7:7, избраниците на Наум Танески направија серија од 3:0, се одлепија на 10:7 и во тој момент беше скршен отпорот на косовскиот состав, кој до крајот немаше сили да направи нешто повеќе.
Кадетите на Македонија започнаа осетно да ја зголемуваат предноста, на полувреме заминаа со плус четири, 15:11, во вторите 30 минути целосно го надиграа Косово и покажаа „кој е кој“ на теренот. Веќе при резултат од 26:16 во 45 минута, беше јасно дека составот на Косово нема никакви шанси резултатски да се доближи.
Одлична партија во репрезентацијата на Македонија имаше Теодор Пецаноски, постигна осум погодоци од исто толку обиди, второ име беше Јован Петрески со шест реализации.