Кадетите на чекор до ЕП, Словачка падна во Автокоманда!

Машката кадетска репрезентација на Македонија со победа ги отвори квалификациите за пласман на Европското првенство, откако во дуелот против Словачка триумфираше со 27:26 (14:14).

Македонија утре, во истиот термин, 15:00 часот, ќе се соочи со Швајцарија, која денес го совлада Косово со 33:19. Доколку се оди според планот, победа против Косово ќе биде доволна за пласман на Македонија на кадетскиот континентален собир 2024.

Македонските кадети одиграа одлично во првото полувреме, во кое имаа активен резултат, но во вториот дел дозволија ривалот да наметне своја игра и да го диктира темпото до 50 минута. Пресвртот на Македонија се случи во периодот од 50 до 55 минута кога нашите кадети направија серија од 4:0 и од 23:21 дојдоа на 25:23.

Иако стартот на натпреварот им припадна на гостите, сепак, по предноста на Словачка од 2:1, избраниците на Наум Танески направија серија од 3:0 и дојдоа до 4:2 во 10 минута. Македонија на крилата на одличниот Петрески во еден момент имаше и до три гола позитива, 6:3, но ракометарите на Словачка никако не дозволуваа составот на Танески да се одлепи на поголема позитива.

Кадетите на Македонија од првата половина од првиот дел, па до последната минута од првото полувреме имаа контрола на резултатот, во 25 минута ја вратија максималната предност од првиот период, зголемија на 12:9. Гостинската репрезентација полека се враќаше во дуелот и со голот на Пачек израмни за 14:14.

Словачка го искористи падот и техничките грешки на почетокот на второто полувреме, најпрво израмни на 16:16, потоа додаде уште два гола во низа за 18:16 во 40 минута. Од тој момент гостинската репрезентација заигра поангажирано, ја зацврсти одбраната и по три минути игра, односно во 43 минута зголеми на три позитива, 20:17.

По фуриозниот налет на Словачка, со иста мера возвратија и „црвено-жолтите“ и со погодоците на Петрески, Лазов и Велјановски го израмнија резултатот на 20:20. Враќањето на Македонија значеше дека до финишот ќе има голема борба за секоја топка.

По предноста на Словачка од 23:21, составот на Танески успеа да направи пресврт и со серија од 4:0 дојде до 25:23 во 50 минута. Кризата во таборот на гостинската репрезентација беше прекината со голот на Крок, кој намали на 25:24, но до крајот гостинскиот состав немаше сили да дојде до израмнување.

Најефикасен во таборот на Македонија беше Јован Петрески со осум погодоци, пет постигна Дамјан Митев, четири реализации додаде Самоил Ристевски, три имаше Мики Лазов.