Репрезентацијата на Македонија ќе игра против Франција на стартот на Европското првенство во Германија. Ждрепката посака првиот ривал на Македонија да биде актуелниот олимписки шампион, кој има позитивен исход во дуелите со „црвено-жолтите“.
На Македонија и Франција претстојниот дуел ќе им биде петти меѓусебен, а последниот го имаа на Европското првенство во Полска (2016). Тогаш „триколорите“ триумфираа со седум гола разлика, 30:23.
Сепак, од тој натпревар поминаа осум години и двете репрезентации сега имаат различни состави. Од актуелните репрезентативци на Македонија на последниот одигран дуел со Франција играа тројца ракометари.
Станува збор за Никола Маркоски, Жарко Пешевски и Филип Кузмановски. Во дуелот со Франција во Полска настапи и Гоце Ојлески, кој е меѓу резервите. Како што е познато, од актуелниот состав на Франција тогаш играа браќата Никола и Лука Карабатиќ, потоа Недим Ремили, Кентан Мае, Лудовик Фабрегас и Валентин Порт.
Останатите два натпревари меѓу Македонија и Франција беа одиграни во рамки од квалификациите за пласман на Европското првенство 2016.
Франција минимално триумфираше на првиот квалификациски натпревар, победи со 27:25, додека вториот го доби убедливо со 11 гола разлика, 35:24.
Двете репрезентации требаше да играат и бараж за Светското првенство 2021, но бараж дуелите беа откажани поради ковид пандемијата.
Меѓусебни натпревари на Македонија и Франција:
29.04.2015, Скопје, Македонија – Франција (ЕП квалификации) 25:27
03.05.2015, Тулуз, Франција – Македонија (ЕП квалификации) 35:24
15.01.2016, Краков, Франција – Македонија (ЕП) 30:23
Натпреварот меѓу Франција и Македонија ќе се одигра денес на „Меркур Шпил Арена“ во Диселдорф со почеток од 18:00 часот.