Машката репрезентација на Македонија во Стара Пазова го одработи првиот дел од подготовките за настапот на Европското првенство 2024.
Избраниците на Кире Лазаров на подготовките во Србија одиграа пријателски меч со Црна Гора и славеа со 39:27.
Капитенот на Македонија, Никола Митревски, изјави дека е задоволен од досега сработеното.
,,Овие осум-девет дена беа малку понапорни, се работеше на физичка и тактичка подготовка. Тренинзите беа напорни, сите го дававме својот максимум, бевме уморни, но најважно атмосферата беше на високо ниво, имаше простор и за дружење, заеднички игри и малку релаксација. После двата тренинг натпревари помеѓу нас, одигравме натпревар против Црна Гора, резултатот беше во втор план, ние се прикажавме во добро светло, игравме сите. Иако бевме малку уморни, успеавме да им дадеме многу голови, да трчаме, да постигнуваме голови од транзиција и да победиме една репрезентација како што е Црна Гора. Иако беше без двајца-тројца играчи, сепак има многу други ракометари кои играат во најдобрите лиги и имаат големо интернационално искуство“, изјави Митревски.
Следните тестови против Грција ќе се одиграат на 4 и 5 јануари во СЦ „Борис Трајковски“
Македонија на Европското првенство е во група со репрезентациите на Германија, Франција и Швајцарија.