Германскиот синдикат на машиновозачи планира да организира голем штрајк во текот на месец јануари.
Ова може сериозно да ги погоди организаторите на Европското првенство во ракомет што од 10 до 28 јануари ќе се одржи во Германија, бидејќи ангажираните на првенството, како и навивачите во најголем дел го користат железничкиот сообраќај.
Генералниот секретар на ракометната федерација на Германија, Марк Шобер, стравува дека евентуалниот штрајк би можел да предизвика големи проблеми во текот на одржувањето на континенталниот собир.
„Со евентуален штрајк во јануари може да настане голем проблем. Во моментов работиме низ различни сценарија. Ние навистина се надеваме дека сите спорни страни ќе се договорат да обезбедат најдобри логистички услови за навивачите од нашата држава и странство, како и за тимовите и официјалните лица за време на Европското првенство”, рече Шобер.
Градовите Келн, Дизелдорф, Берлин, Минхен, Хамбург и Манхајм ќе бидат домаќини на Европското првенство во машка конкуренција.
Македонија натпреварите од групната фаза на континенталниот собир ќе ги игра во Диселдорф.