Актуелниот селектор на машката младинска репрезентација на Македонија, Радослав Стојановиќ, во вториот дел од натпреварувачката сезона 2023/24 ќе го предводи амбициозниот тим на Тиквеш.
Стојановиќ по подолго време му се враќа на клупскиот ракомет, откако претходно три сезони го водеше составот на Охрид.
Екс репрезентативецот на Македонија ги истакна своите очекувања за неговиот нов предизвик.
,,Своите ракометни почетоци ги имав во овој регион па сега е време со својата работа да возвратам на регионот од чија ракометна школа излегоа квалитетни ракометари. Се радувам што сум тука во улога на тренер и познавајќи го менталитетот на регионот, знам и верувам дека ќе се бориме на секој натпревар и за секој бод во плеј офот,” изјави Стојановиќ.
Тимот на Тиквеш на пролет ќе разигрува за титулата и во плеј-оф фазата ќе стартува со еден бод.
Клубот од градот на виното обезбеди место и во групната фаза од Купот на Македонија.