Како што најави 24Ракомет, амбициозниот тим на Тиквеш во вториот дел од натпреварувачката сезона ќе биде предводен од Радослав Стојановиќ.
Актуелниот селектор на машката младинска репрезентација на Македонија доаѓа на местото на Никола Матлиески, кој со Тиквеш се раздели спогодбено и двете страни решија да замине секој на своја страна.
Стојановиќ по подолго време му се враќа на клупскиот ракомет, откако претходно три сезони го водеше составот на Охрид.
Претходно работеше во младинските категории на Металург, а може да се пофали со успех со кадетската репрезентација на Македонија откако ова лето го освои деветтото место на Светското првенство во Хрватска.
Тиквеш ќе пренесе еден бод во разигрувањето за титулата напролет, но разликата е само два бода со лидерите на табелата.
Напролет не очекуваат неизвесни и интересни натпревари до самиот крај, а кавадарчани покажаа дека може да им парираат на сите екипи. Клубот од градот на виното обезбеди место и во групната фаза од Купот на Македонија.