Тимот на Куманово по четирите засилувања за првата екипа, покажа дека мисли и на младинските екипи, кои имаат одлични резултати по есенскиот дел од сезоната.
Кумановци го ангажираа македонскиот стручњак Аце Станковски, кој ќе работи заедно со Христијан Димковски и Синиша Арсовски во сите младински екипи на клубот.
Некогашниот македонски репрезентативец има големо искуство и покрај селекторската функција во женската кадетска селекција, работеше во многу клубови, па младите кумановски ракометари ќе имаат шанса да научат многу ракометни тајни.
Станковски беше тренер на Вардар Јуниор, Вардар и ЖРК Вардар, работеше во Скопје, Вардар Неготино, како и во косовскиот Кастриоти.
Пионерската екипа на Куманово е без пораз во девет меча, додека кадетската екипа се наоѓа на четвртото место во својата група.
Првиот тим, во кој работат некогашниот младински репрезентативец Љубиша Димковски и Миодраг Јовановски-Црни ќе има тешка борба за опстанок во Супер лигата, но со засилувањата кои беа донесени Куманово ќе има што да каже.