Легендарниот германски голман Хенинг Фриц, повторно ќе биде активен на ракометните терени, па макар и неколку месеци.
Фриц потпиша за италијанскиот тим Бозен и во јануари ќе му се приклучи на новиот тим. Тој имаше исто ваков краток камбек на терените во 2021 година кога беше на голот на Фленсбург, кој имаше проблеми со повредата на Бенјамин Буриќ.
49-годишниот голман ја заврши кариерата во 2012 година во дресот на Рајн Некар Левен, а претходно долги години беше на голот на Магдебург и Кил.
Фриц долго време беше број еден и на голот на репрезентацијата со која има освоено европско злато во 2004 година, олимписко сребро истата година и светско злато во 2007 година.
Германецот ќе биде замена во Бозен за Кристофорос Нунгович, кој ќе игра на африканското првенство, а со оглед на тоа што Италија не е на ЕП, лигата се игра и во јануари.