Селекцијата на Данска ја освои бронзата на Мундијалот на кој беше домаќин заедно со репрезентацијата која ја совлада – Шведска, 28-27. Иако Данките водеа во текот на целиот меч, имаа во повеќе наврати и плус четири, но во вториот дел Швеѓанките се вратија во егал, дури и поведоа еднаш, но не издржаа за да биде комплетиран камбекот. Ова ќе биде мала утеха за Данска, која во драматично полуфинале загуби по продолженија од Норвешка.
Данска отвори со водство од 5-1, па шведскиот селектор Акснер мораше веднаш да бара тајм-аут, па неговите избранички се вратија на минус еден, 10-9. Но во финишот на полувремето имаа мал пад и Данска на пауза замина со 18-15.
Така се играше до средината на вториот дел. По 23-20 за Данска, голманката Бундсен фати неколку удари, нејзините колешки погодуваа и набрзина Шведска направи пресврт, 24-23 кога имаше да се играат уште десетина минути.
Данска израмни, потоа Тофт и одбрани зицер на Акснер, па избраничките на Јенсен стигнаа до плус два, 27-25 на три минути до крајот. Данска имаше напад и тајм-аут во последните триесетина секунди при резултат, 27-26.
Хојлунд реализираше за плус два и радоста на Данска можеше да почне иако Блом погоди за минус еден, 28-27. Најдобри во победничката селекција беа Хојлунд, Јоргенсен и Хансен со по пет гола, а кај Шведска по седум пати стрелаа Блом и Мелегард.
Црна Гора го освои седмото место на Мундијалот откако ја победи Чешка со 28-24, додека петта во светот е Холандија, која немаше проблеми со Германија и славеше со 30-26.