Женскиот ракомет во Македонија тешко мрднува напред, барем според резултатите на меѓународна сцена, но радува фактот што има тимови кои и покрај сите проблеми опстојуваат, работат и продолжуваат на привлекуваат што е можно повеќе девојчиња да се занимаваат со овј спорт.
Во општина Кисела Вода во Скопје во моментов има само еден суперлигашки тим што се натпреварува во системот. Тимот на Спартак е во Супер лига од сезоната 2018/2019. Постојано е некаде во средината, а лани ја имаше најлошата сеозна, беа на претпоследното место.
Сезонава во конкуренција на 14 екипи, по 11 одиграни натпревари Спартак е на 9 место, со 12 бода, само еден помалку од Пелистер и Деспина. Тоа е далеку од првопласираниот Ѓорче Петров, но за Спартак поважно е што како одминува времето тие играат се подобро.
Денеска го играат дербито со Пелистер во Битола кое е важно за редоследнот по првиот дел од сезоната. Ќе се играат вкупно 26 кола, каде Спартак очекува да биде на нивото од своите најдобри сезони, а посакува да направи и чекор напред.
„Очекувам да играме уште подобро. Немаме притисок, но имаме мотивација. Спартак ќе биде сериозне клуб во иднина. Сите девојки знаат каков е нивниот третман во клубот и тие возвраќаат со добри игри и резултати. Треба време, а ние сме трпеливи. Важно е да продолжиме како што тргнавме, а резултатите ќе дојдат. Лани бевме во долниот дел од табелата, а годинава сме во средината и се бориме да бидеме веднаш зад најдобрите. Дека сме на добар пат покажавме во претходното коло кога игравме со фаворитот Вардар. Се до самиот крај бевме рамноправни. На полувреме дури и водевме. Тоа покажува дека добро работиме, вели Велимир Мицевски, тренерот на Спартак.
Како и сите спортски колективи, еден од главните проблеми се финансиите. Но, некои компании го препознаваат она што клубот го работи, па почнуваат и со поддршка. Тоа е доста далеку од потребите, но од клубот се среќни што стануваат видливи и компаниите го вреднуваат од што тие го работат.
„Горди сме што сезонава дојдовме на ниво на стабилен клуб кој има план и тој почнува да се остварува. Како единствен женски ракометен тим од Општина Кисела Вода сакаме да им дадеме можности на сите девојчиња од овој дел на градот да играат и напредуваат. Имаме добри услови, добри термини и секако поддршка од Општината. Знаеме дека е тешко е да се држи чекор со оние побогатите, и кои имаат повеќе ракометарки на листата. Но, нашата цел е да одиме полека, и затоа сакаме прво да станеме стабилен тим, и да се надградуваме со млади и перпскетивни ракометарки. Веруваме дека ќе продолжиме по линијата што сме ја зацртале. Добро почнавме, и така и ќе продолжиме, вели Сашо Василевски, претседателот на клубот.
Тој најави и проширување на клубот со отворање на школи каде сите девојчиња од општината ќе можат да тренираат. Сакаат да придонесат што е можно повеќе деца да бидат вклучени во спортот, кој секогаш покажувал дека тоа е патека која создава здрави личности со спортски навики.
Покрај играчкиот кадар кој сезонава е засилен, и на кој се работи да се зголеми со нови, квалитени и пред се потенцијални ракометарки, клубот работи и на засилување на внатрешниот кадар. Сезонава во тимот дојде и Марко Миркуловски кој е дел од спортскиот дел на Спартак. Веќе некои нови ракометарки покажале интерес да дојдат, но тоа ќе може да се случи дури на полусезона во предниот рок.