Ракометарките на Ѓорче Петров во натпревар од 12. коло од Женската лига за ривал го имаат тимот на Астибо, додека во последното коло од овој дел од сезоната ги очекува дерби дуелот со Вардар.
Избраничките на Симе Симовски немаат загубено бод, речиси на сите 11 натпревари во досегашниот тек од сезоната немаа поголеми проблеми за да дојдат до триумф.
Средниот бек на „лавиците“ Мила Ѓорѓиевска се надева дека со својот тим победнички ќе ја завршат полусезоната.
,,Очекуваме полусезоната да ја завршиме успешно како единствена екипа со освоени максимални бодови. Следен натпревар ни е со Астибо каде што сме фаворити и ќе имаме шанса да пробаме некои нови работи што се вежбаат на тренинзите и да ги сведеме техничките грешки на минимум. Последниот натпревар од полусезоната го играме со екипата на Вардар каде што очекуваме да има возбудлива и убава игра од двете страни. Верувам дека ќе биде интересен натпревар и за публиката. Се надевам дека ќе се покажеме во најдобро светло и ќе ја завршиме годината како што треба, со победа, односно без пораз”, изјави Ѓорѓиевска.
Утрешниот дуел меѓу Астибо и Ѓорче Петров ќе се одигра со почеток од 14:00 часот.